Старо Камено Време
Палеолитската збирка во НУ Археолошки музеј на Република Северна Македонија содржи наоди од локалитетите Макаровец и Голема Пешт, како и разновиден суровински материјал од повеќе микрорегиони на Македонија.При палеонтолошките сондирања во средината на XX век во централниот дел на Македонија во пештерата Макаровец, Велес се откриени пет камени артефакти со најверојатна припадност во горниот палеолит, кон што оди во прилог и горноплеистоценската фауна со фосилни остатоци од пештерска мечка, хиенa, лав, козорог, волк, лисица, магаре и коњ. Овие наоди се наоѓаат во горниот дел од првата витрина.
На крајот од XX и почетокот на XXI век се направени проспекции на 45 пештери и поткарпи по течението на реките Бабуна во Велешко и Треска во регионот Порече, како и во југозападните, источните и североисточните микрорегиони во Македонија. Во првата витрина се сместени повеќе видови суровина со специфична структура, школкесто прекршување и тврдина како потенцијални суровини за изработка на делканите алатки.
Најмногу археолошки наоди во оваа палеолитска колекција потекнуваат од локалитетот Голема Пешт, с. Здуње од регионот Горно Порече. Ископувањата се вршени неконтинуирано од 1999 год. до денес и се откриени илјадници камени артефакти и фосилизирани животински остатоци.
Младо камено време
Хронолошката рамка на македонскиот неолит е компатибилна со постоечката периодизација на Балканот. Во археолошката карта на Македонија досега се регистрирани 200 неолитски локалитети. Во периодот од 6.300 до 4.200 год. п.н.е. на територијата на Македонија се дефинирани две културни групи, Анзабегово-вршничката (I-IV) и Велушко-породинската (I-IV), наречени по епонимните наоѓалишта (Барутница, с. Амзабегово-Вршник, с. Таринци; Велушка Тумба – Тумба, с. Породин) со заеднички материјални, но и индивидуални специфики.
Најголем дел од археолошките предмети во збирката на неолитот потекнуваат од периодот на развиениот неолит во Анзабегово-вршничката културна група II-III (5.800-5.300 год. п.н.е.), односно од локалитетот Тумба, Маџари. Останатите предмети потекнуваат од локалитетите во с. Стенче, с. Долно Палчиште, с. Мршевци, с. Лопате, с. Никуштак, с. Амзабегово, с. Горобинци, с. Дамјан, с. Ресава, с. Враниште.
Поголемиот дел од поставката им е посветен на керамичките покуќниски садови, но и на садовите за разни ритуални активности. Преку нивниот избор, квалитет, обликување и орнаментирање е презентирано грнчарството преку кое се воочуваат основните, но и индивидуалните елементи на културните групи.
Претставата за духовната култура на населението од неолитот е надополнета и со необично интересните култни предмети. Меѓу нив се издвојуваат жртвениците со зооморфна претстава и жртвениците од типот на масички. Жртвениците модели на куќа од Пелагонија се уште една потврда за големиот култ кон куќата и домашното огниште.
Бакарно време
Енеолитот или бакарното време го опфаќа периодот од 4.200-2000 год. пр.н.е. Првите сознанија за овој период се добиени со археолошките ископувања и истражувања извршени пред повеќе од шеесетина години. Тогаш за прв пат е констатирана енеолитската населба на Скопското Кале, што ни дава за право да констатираме дека корените на Скопје се во непрекината хронологија од четвртиот милениум пред н.е., па сѐ до денес.
Во Пелагонија познати се: Шуплевец, Бакарно Гумно, Црнобуки, Висок Рид, Горни Висои, Крушеанска Чука, Тумба-Карамани. Во охридско-преспанскиот регион истражувани се две населби: Устие на Дрим и Црквени Ливади. Во поново време во кумановско, констатирана е енеолитска населба на Костоперска Карпа – Жеглиговски Камен, во скопско во с. Варвара – Врањак, во делчевско Градиште кај Село Град, а во кочанско Пилаво – Бурилчево и светилиштето Св. Атанасиј – с. Спанчево.
Археолозите се согласија регионалната културна група во Македонија да ја наречат Шуплевец-Бакарно Гумно, која што хронолошки се вклопува во пошироки територијални рамки, во културниот комплекс Бубањ-Салкуца-Криводол.
Бронзено време
Бронзеното време хронолошки го опфаќа периодот од средината на III милениум пред н.е. до XII век пред н.е. и претставува период на целосна стабилизација во сите сфери на општествениот живот, после преселбите на индоевропските популации и нивната симбиоза со автохтоното население, што резултирало со појава на специфична и оригинална материјална култура.
Фондот на археолошката збирка од бронзеното време содржи предмети од ископувања и рекогносцирања, со нагласена разнородност во нивната употреба, како утилитарни, така и декоративни предмети: керамички садови, камени и коскени алатки и метални артефакти.
Материјалот потекнува од истражувањата на повеќе локалитети: Градиште, с. Пелинце; Прибовце, с. Лопате; Градина, Д. Капија; Тумба Канино; Тумба Кравари; Св. Недела, с. Асамати; Црквени Ливади, с. Враништа.Најголемиот број на наоди потекнува од единствената целосно истражена некропола Димов Гроб, кај с. Уланци од XIII-XII век пред н.е. Најмаркантно обележје на инвентарот од овој локалитет претставува мат сликаната керамика, која се јавува како локална реакција и обид за имитација на формалниот и декоративен репертоар на микенската керамографија, адаптирана на сопствениот вкус и на потребите на локалното население.
Накитот кој е карактеристика само за женските погребувања е класифициран според своите функционални и типолошки карактеристики на накит за глава, врат и раце, како и појасни гарнитури. Овие декоративни предмети за лична употреба, кои служеле за украсување на телото и носијата, се уметничка експресија на тогашните модни трендови, како и на културните и трговски контакти со микенскиот свет.
Утилитарните предмети како што се бронзени сечила, камени острачи и бронзени игли со мали димензии, најчесто се откриваат како сет, и се дел од стандардната опрема на мажите. Тие претставуваат тоалетни реквизити кои служеле за одржување на личната хигиена, поточно за дотерување на брадата. Посебно се истакнуваат два примери на ножеви со држалки од благородна коска украсени со врежана декорација.
Железно време
Археолошката збирка на предмети од збирката железно време содржи бројни предмети и претставува единствен репрезентативен пресек на железнодопската материјална култура на територијата на Македонија во една хронолошка рамка од XI до крајот на VI век п.н.е.
Предметите главно се добиени од археолошките ископувања во изминатите шеесетина год, дел како подарок или запленети од нелегалните ископувања. Збирката е исклучително разновидна по бројот на типови и под типови на предмети направени според специфичните функции на употреба, материјалите, техниките на изработка, како и начинот на декорирање, што во голем дел ја одредуваат регионалната и етничка припадност на оваа материјална култура на централен Балкан.
Железното време во својата развојна фаза претставува период на целосна стабилизација и експанзија во сите општествени сфери на заедницата, што резултирало со развој на силни и препознатливи локални културни вредности. Керамичната продукција е претставена преку две групи на керамика, рачно изработена и керамика изработена на грнчарско колце.
Застапени се сите познати железнодопски керамични форми (чаши, чинии, бокали, кантаровидни, амфоровидни и скифосоидни садови, грниња, пуранои и питоси). Во оваа група на предмети посебно се издвојува локалната керамика декорирана со сликање со црвена мат боја на лентести мотиви, карактеристична за втората половина на VII и VI век п.н.е.
Појавата на стандардизирано оружје и орадијата изработени од железо, како копја, стрели, мечеви, бодежи и ножеви се потврда за сите овие манифестации карактеристични за железното време. Значителна е појавата на богати погребувања, што зборува за постоење на привилегирана владеjачка класа, т.е. племенска аристократија видлива преку појавата на железни копја во машките погребувања и тоалетни реквизити.
Генерално накитот е добиен од женските погребувања и е поделен во неколку категории: накит за глава – обетки, дијадеми, салталеон; накит за врат и раце: ѓердани, фибули, белегзии, прстени, накит за појас: токи, фалери и копчиња, изработени од бронза, коска, стаклена паста и килибар, а поретко од сребро и злато.
Од исклучително значење е појавата на групата предмети „Македонско – пајонски бронзи“ која без сомнение укажува на еден посебен уметнички израз на единствените религиозни сфаќања на заедниците, на една поширока територија на денешна Македонија.