Архајски период
Архајскиот период е еден од најзначајните раздобја на хеленската култура и следи по геометрискиот стил во периодот од 660 г.ст.е. и трае до појавата на класичниот период од околу 460 г.ст.е. Овој период кој е наречен и пре класичен период се карактеризира со создавање на градови-полиси, колонизација и цутење на трговијата и занаетчиството. Во уметноста се чувствува влијанието на Источните цивилизации особено на Египет, како во архитектурата, така во монументалната пластика и сликањето на вазите. Атина претставува голем производствен и културен центар. Сликањето на вазите еволуира, од геометриски форми во појава на човечки фигури, со епски, митолошки теми и сцени од секојдневниот живот.
Влијанието на уметноста од Атина се шири кон север и на територијата на античка Македонија. Во текот на втората половина на 6 в.ст.е. зголемената економска моќ на населението довела до создавање на градови во кои цутело занаетчиството, трговијата и формирање на владејачка класа, која на крајот на железното време и појавата на раната антика, ги следи светските модни трендови кои доаѓаат од југ. Сето ова резултирало со побарување на луксузни предмети од старогрчките трговско-занаетчиски центри, како и на локална продукција на истите.
На територијата на античка Македонија, во текот на 20-ти век, вакви предмети се пронајдени на локалитетите во Охридско-Струшкиот регион, Прилепско-Битолскиот регион, Неготинско, Кавадаречко, Демир Капија, Скопско и др. Репрезентативен пример за ова претставуваат наодите од Требениште кај Охрид (античкиот град Лихнид), златните маски, ракавици, сандали, разновиден златен, сребрен и бронзен накит, фибули, игли, разни апликации, триножници, оружје-копја, мечови, шлемови, штитови, кнемиди, како и сребрени, бронзени и керамички садови кои денес се наоѓааат во поставките на Народниот Музеј во Белград и Археолошкиот музеј во Софија. Со новите археолошки истражувања меѓу 2001-2011 г. на локалитетот Горна Порта кај Самуилова Тврдина во Охрид, се пронајдени голем број на предмети кои се изложени во поставките на Завод и музеј во Охрид и Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје. Меѓу нив се издвојуваат златната маска, ракавица, златен и сребрен накит, разни бронзени и керамички садови и други предмети кои потекнуваат од крајот на 6 в.ст.е. и почетокот на 5 в.ст.е.
Не помалку есклузивен наод е бронзената фигура на мајнада пронајдена во една гробница од Тетово, која претставува апликација од рачка на голем бронзен сад за вино–кратер. Мајнада (менада) е девојка танчерка придружничка на богот Дионис и учесничка во неговите прослави. Таа е датирана од (520-510 г.с.т.е.) и е изложена во Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија. Фгурата се одликува со големи уметнички и културни вредности и претставува ремек-дело на мајсторот уметник од тоа време на поширокиот простор.Денес артефактите од архајски период низ музеите во нашата земја се сместени во музејските збирки од железно време и класичниот период
Класичен период
Збирката за класичен период во постојаната музејска поставка презентира експонати, кои временски потекнуваат од крајот на V до средината на IV век п.н.е. Тоа е време на значајни општествени, демографски, политички и економски промени во животот на популациите што ја населувале територијата на Македонија и поширокото централно балканско подрачје, а меѓу кои Пајонци, Македонци, Бриги, Дасарети, Линкести, Илири, Дарданци и др.
Изложените предмети се сведоштва на нивната развиена материјална култура, како и на економските, трговските и културните релации, особено со јужните, хеленски градови и колонии. За активното влијание на хеленскиот свет врз развојот на популациите кои ја населувале територијата на Македонија во антиката сведочат бројните примери на разновидни ексклузивни предмети за домашна и лична употреба, донесени директно од центрите на античкиот свет: Атина, Олинт, Пела, Амфипол, Филипи итн. Таков пример е групата керамички садови во стилот на црвено-фигуралното сликарство, пронајдени на локалитетите кај Демир Капија и Исар-Марвинци кај Валандово. Меѓу нив се издвојуваат повеќе форми што ќе ја одбележат раната антика: пелике, лекит, кантарос, скифос, а особено хидријата од Демир Капија со претстава на Дионисовиот култ во стилот на големиот Медијас.
Ваквите и други форми трпезни, кујнски и амбалажни садови стануваат сè повеќе популарни во домашната (локална) керамопродукција. Меѓу нив се издвојува групата сивопечени садови, позната и како сива пајонска или сива македонска керамика. Заради задоволување на потребите на пазарот при изработката на одредени форми започнува употреба на калапи.Покрај керамичките садови, особено внимание привлекува накитот. Прекрасните дијадеми, обетки, ѓердани, белегзии, прстени, фибули и др. изработени во техника на филигран и гранулација, несомнено се продукт на големи мајстори на златарството. Во најголем случај овие предмети се откриени на античките некрополи во Македонија, како Исар-Марвинци, Жданец, Демир Капија, Беранци, Охрид. Меѓу нив посебно се издвојува групата 104 златни предмети од гробовите 127 и 132 откриени на некрополата на Горна Порта во Охрид.
Хеленистички период
Оваа збирка го опфаќа периодот од светската историја познат како хеленистички. Иако науката сè уште не e усогласена околу почетокот и крајот на овој период, најчесто како хронолошки рамки се земаат смртта на Александар III Македонски во 323 год. п.н.е. како почеток, додека за крај на овој период се прифаќа падот на последното хеленистичко кралство на Птолемаидите во 31 год. п.н.е. и за територијата на денешна Македонија која, иако во 168 год.п.н.е. по битката кај Пидна потпаѓа под римска власт, заради материјалната култура која ги продолжува старите хеленистички традиции, како крај на овој период исто така е прифатен токму падот на последното хеленистичко кралство. Во овие хронолошки рамки на просторот на источниот Медитеран започнува една нова епоха во човековата историја т.н. хеленистички период. Хеленистичката култура настанала како симбиоза на три компоненти од тогашниот антички свет и тоа: македонската, хеленската и источната или ориенталната. Заради тоа што територијата на делување на оваа култура нема постојани граници, а и фактот дека неговото разложување започнува пред неговото конечно формирање, овој период спаѓа меѓу еден од најсложените и во исто време еден од најинтересните периоди не само во античката, туку во целокупната човекова историја воопшто.
Најголем дел од артефактите кои се дел од оваа збирка се од локалитетот Исар-Марвинци, Валандово. Овој локалитет заедно со античкиот Лихнид (Охрид) претставуваат и најдобро истражените локалитети од овој период во Македонија. Во збирката се издвојуваат и артефактите откриени на локалитетот Вардарски Рид, пелагонискиот, тиквешкиот, скопскиот регион и Повардарието.
Римски период
Легендата за градот Рим говори дека во VIII век п.н.е ќерката на кралот Нумитор, Реа Силвија била насила обљубена од римскиот бог на војната – Марс, за подоцна да роди силни машки близнаци. Плашејќи се од нивната божествена природа, кралот наредил децата да бидат удавени во реката Тибар, но тие, под заштита од Боговите, преживеале и биле исфрлени на брегот. Тука, децата биле најдени од една волчица, која ги задоила и ги одгледала како свои.
Кога пораснале, браќата Ромул и Рем решиле да оформат свој град во срцето на Апенинскиот Полуостров, покрај реката Тибар, но поради несогласувањата околу истиот, Ромул го убил Рем, па новиот град го добил името според првиот владетел Ромул, кај нас познат како Рим. Оформен како монархија и управуван од крал, во постојана борба со соседите и само четири години мир во неколку века, градот Рим до петтиот век ќе се издиге како најголем и највлијателен фактор на целиот Италски Полуосторов. Но, традицијата говори дека суровоста на нивните кралеви ќе го претворат Рим во Република која набрзо ќе ја промени сликата во тогашниот познат свет.
Брзото издигнување на градот Рим од мал незначителен град покрај бреговите на реката Тибар, до воена Република која го контролирала целиот Апенински Полуостров, ја повлекло нужноста од понатамошно ширење и елиминирање на економската конкуренција. Условите, практичноста, посветеноста, ефикасноста и гордоста на фамилијарното име допринела веќе до II век п.н.е. Римската Република да го освои поголемиот дел од западниот Медитеран, но бисер на нивниот успех претставува покорувањето на славното Македонско кралство во 168 и 148 год. п.н.е. Овој успех ќе им ги отвори патиштата за освојувања на исток, исполнувајќи го градот со големи богатства и културни достигнувања, но пред се’ освојувајќи си го приматот на неоспорно најмоќниот фактор во античкиот свет.
Во наредните векови оваа моќна Република ќе се трансформира во најголемата светска Империја позната во човековата историја, која ќе се простира на три континента, а ќе го опфати целиот Медитеран, скоро целата Европа и половина од британскиот остров, опстојувајќи неверојатни 12 века. Преку личности како Гај Јулие Цезар, Октавијан Август, Нерон, Тит, Трајан, Хадријан итн., но и со својата улога во почетоците на христијанството, таа ќе остане запаметена во вечноста како пример за сите подоцнежни Империи и денешни сојузи. Сепак, истата варварски ќе згасне во 476 год н.е. продолжувајќи колективно да живее преку Источнaта Римска Империја, подоцна наречена Византија.
Универзалните вредности кои Рим им ги донел на своите жители, комплетно го смениле античкиот начин на живеење. Воената и организациската надмоќ на Рим во однос на сите свои современици, придонела за мир и стабилност на сите негови територии овозможувајќи мирен римски живот во котлините, во големи, пред се’ економски центри т.е. градови. Римското урбано живеење добило нова димензија со унифицирани глобални вредности како монетарен систем, образование, култура, јазик, медицина и јавна хигиена, но не нарушувајќи ги старите вредности т.е. традиција, вера, јазик и обичаи.
Археолошки музеј на Република Северна Македонија во својата постојана поставка ги обедини скоро сите најрепрезентативни и уникатни римски артефакти од целата Македонија, освен од римскиот град Скупи. Така, со повеќе од 250 изложени артефакти целосно е реконструиран секојдневниот живот на жителите во Римската Империја, нивните верувања, стравови, накитот, луксузот, но и фунерарни (посмртни) предмети кои го чувале покојникот во задгробниот живот.
Доцна антика
Доцната антика го означува периодот на преминот од класичната антика во среден век. Одбележен е со значајни реформи кои доведуват до промени во економскиот и културниот развој. Се развива силно стопанство и нова доцноримска култура. Археолошката збирка на предмети од доцноантички период содржи предмети, добиени воглавно од археолошки ископувања, рекогносцирања, по пат откуп. Предметите се датирани во периодот од 4 – 6 век. Збирката ја одликува нагласена разнородност и широк дијапазон на утилитарни и декоративни предмети.
Предметите од оваа збирка се поделени во следните групи: керамички садови, керамички светилки, бронзени светилки, сребрен и златен накит, предмети од стакло, стаклена паста, коскени предмети, бронзени фибули, токи, мермерна декоративна пластика.
Меѓу керамичките садови се истакнува групата на садови од македонска terra sigillata и северно африканска, датирани во 4-5 век. Дел од нив потекнуваат од импорт или се изработени во локални работилници, а под влијание на италските или северно африканските работилници. Помеѓу керамичкиот материјал, спаѓа и богатата колекција на светилки од 4-6 век.
Особено место во збирката зазема извонредно богатиот инвентар од еден доцноримски гроб од околината на Дебар, датиран во 4 век, со две стаклени фиали, златна фибула, сребрена чинија со богата декорација, сребрена кана и други предмети од сребро, бронза, коска. Помеѓу нив, особено внимание привлекува стаклената чаша-Диатрета. Бронзените светилки се со ранохристијански симболи, карактеристични за своето време, датирани во 5-6 век, а потекнуваат од Стоби. Извонредна група претставуваат и коскените предмети со утилитарна или декоративна намена, датирани во 5-6 век, а потекнуваат од еден ранохристијански град кај с.Коњух, кратовско. Во збирката посебно место зазема и богатата колекција на керамички икони, од Виничко Кале во Виница, кои претставуваат драгоцено дело на ранохристијанската уметност. Датирани се во 5-6 век. На нив се прикажани релјефни претстави на светители, сцени од Стариот и Новиот Завет. Групата на архитектонска декоративна пластика ја сочинуваат: мермерни капители, парапетни плочи, делови од мозаици, од 5-6 век, кои потекнуваат од Коњух, Суводол, Стоби.